Книги во проектот

Жоаун Мануел Рибејро: Секундарни ефекти
Илустрации: Пауло Стокер
Превод од португалски јазик: Анета Маневска
Додека ги читав песните на Жоаун Мануел Рибејро, еднаш, двапати, три пати, секогаш застанував на некои песни, како што е онаа за бадемовото дрво. „Кога цути, бадемот ги скршнува птиците од вообичаениот лет“ нудејќи им „повеќе ѕвезди и небо за раскрилување.“ Толку едноставно: цветот на бадемот станува ново соѕвездие за птиците. Толку едноставно.
Петер Светина

Жоаун Мануел Рибејро: Фармерките на Жоана
Превод на Анета Маневска
Превод од португалски јазик: Анета Маневска
Ова е поезија што ги поттикнува младите за момент да ги оттргнат очите од електронските уреди и подлабоко да се почувствуваат себеси, лежерно да погледнат во светот и да почувствуваат дека се дел од него, иако се чини дека остануваат на неговиот раб.
Една од главните карактеристики на тинејџерскиот живот е сеприсутната критика: дома, на училиште, на улица. Но, авторот не ги прекорува. Оваа поезија им нуди простор, дом за душата, без прекор, ги слуша нивните поплаки, грижи, несигурности и стравови.
Ова е поезија што ги повикува младите да се оддалечат од метежот и напнатоста на електронските уреди и мирно да се набљудуваат себеси и светот. Со насмевка, со нежен хумор. Им се доближува преку дигиталните алатки што ги користат секојдневно, преку нивниот начин на облекување, преку нивното секојдневие . Во свет што е во голема мера зависен од електронските уреди и социјалните мрежи, авторот се прикрадува со едноставни песни поврзани со најкревкиот дел од младешката душа: емоциите, занесувањата, непријатностите.
Хуан Круз Игерабиде

Евалд Флисар: Алиса во земјата на лудоста
Илустрирации: Хана Тинтор
Превод од словенечки јазик: Давор Стојановски
Алиса во земјата на лудоста е хумористична фантастична приказна за млади читатели, а главен лик е бистрата дванаесетгодишна Алиса. Заедно со вујко ѝ ќе се најдат во Потерунија, земја-остров што изгледа како да е од некоја видеоигра за крајот на цивилизацијата. Евалд Флисар доби неколку национални награди за оваа книга, а во 2014 година Алиса во земјата на лудоста беше вклучена во каталогот White Raven.

Аксиња Кермаунер: И змејош го изеgе сонцешо
Превод од словенечки јазик: Давор Стојановски
Во овој роман за тинејџери, Аксиња Кермаунер не само што отвора книжевен прозорец кон друга, далечна земја, туку и кон различноста и маките на главните ликови, со кои тие се справуваат уште потешко во туѓиот свет. Сликата на земјата зависи од нивните емотивни состојби, преку нив ги судат совршенството и несовршеноста на Кина – земјата на мудроста и лудилото, добрината и очајот, модерноста и милениумската култура. Авторката, која со децении работи со млади со оштетен вид, за главен лик го избира речиси целосно слепиот Сунчан, кој се бори со болната потрага по сопствениот идентитет. Сепак, патувањето во Кина му носи некои одговори.

Пачи Зубизарета Доронсоро: Од горчина и мед
Превод од шпански јазик: Борјана Мојсовска
Се наоѓаме во Мароко во 1990-тите. Селим, како и многу други млади Северноафриканци, сака да го напушти погубното Мароко и да тргне кон блескавиот Париз. Париз е неговата Мека. На своето патување ќе вкуси мед и горчина: медот – од раката на Естер, девојка од Виторија; горчината – од суровата западна реалност.
Три гласа ни ја раскажуваат приказната за Селим: првиот е оној на самиот млад Магребец, вториот е гласот на Естер и третиот е гласот на водичот што им помага на оние кои сакаат да ја поминат границата низ грмушките.
Една приказна раскажана во три жанра: директна приказна, дневник и репортажа.
Три гласа и три жанра раскажуваат за тажните приказни околу нас.

Тереза Кало: Марта пред огледалото
Превод од шпански јазик: Борјана Мојсовска
Марта има околу седумнаесет години. Барем ги имаше кога премина на другата страна, на страната на празната, безболна, неповратна вечност. Огледалото пред кое се сеќава на последните моменти од животот, не ја отсликува нејзината слика, туку само нејзините сеќавања и чувства. Какво олеснување што не мора да го слуша плачот на мајка си или немиот очај на татка си. Чувството на слобода, затоа што веќе не мора да се преправа дека јаде или, уште полошо, навистина да јаде за да му угоди на семејството… Во драматичен дијалог што се чита како приказна, Марта искрено и директно зборува за својата состојба. Притоа, со иронија ги измазнува рабовите на спомените, кои ја водат до копнеж по девојката што некогаш била.